Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Во пресрет на првиот натпревар од второто коло во квалификациите за Лигата на Европа помеѓу Работнички и Динамо Минск беше одржана прес конференција.
На прес конференцијата збор имаа тренерот на „Романтичарите“, Виктор Треневски, како и капитенот Душко Трајчевски.
Треневски смета дека Динамо Минск е од тим од рангот на Вардар и Шкендија, и дека е фаворит на овој двомеч, но дека Работнички има свои математики пред натпреварите.
„Ни коментираа дека сме играле со аматери во првото коло, па еве сега на ред се професионалците. Динамо Минск има квалитетен тим, што би можел да го споредам со Вардар или со Шкендија од домашното првенство, според буџетите на овие клубови. Од тактички план играат со формација 3-4-3, можеби се фаворити, но и ние имаме свои планови што ќе се обидеме да ги реализираме во дела. Ќе играме без резерва до крај, има два меча, мислам дека ќе биде тесно, а ќе се решава на реваншот“ – истакна Виктор Треневски.
Работнички на двомечот ќе настапи без Ванче Шиков кој веднаш по натпреварот со Тре Пене направи трансфер во редовите на Тобол.
Капитенот на „Романтичарите“ пак е оптимист дека клубот може да го мине Динамо Минск.
„Реално гледано, Динамо Минск е мал фаворит пред овој двомеч, пред се бидејќи Белорусите се во натпреварувачки ритам и веќе имаат одиграно 15 кола од домашниот шампионат. Без оглед на тоа, ние имаме шанси за да одиме понатаму. Јасно дека ќе ни биде потешко отколку против Тре Пене, треба што поскоро да ги заборавиме тие два меча против ривалот од Сан Марино. Во секој случај, Работнички е подготвен за секој предизвик, ние поседуваме и сили и квалитет за да ја минеме и оваа пречка“ – изјави Трајчевски на денешната прес-конференција.
Првиот натпревар на програмата е утре со почеток од 18 часот на комплексот „Петар Милошески“.