Новак Ѓоковиќ со победа го почна настапот на турнирот во Базел. Српскиот тенисер по пресврт го совлада Французинот Уго Умбер со 4-6, 6-3, 6-4 и се пласираше во второто коло, задржувајќи ги шансите за пласман на завршниот турнир во Торино.
Ѓоковиќ на овој АТП 500 турнир настапува за првпат од 2011 година, а во Базел ја освои титулата при своето деби во 2009 година. Четвртиот носител доби специјална покана од организаторите.
Умбер, 38ми на светската ранг-листа, му создаваше големи проблеми на Ѓоковиќ во првиот сет. За Србинот ова беше прв турнир во сала по освојувањето на титулата во Атина минатиот ноември. Ѓоковиќ во вториот сет двапати спаси брејк-топки, а потоа со првиот брејк на мечот ја презеде контролата.
Французинот при резултат 1-4 во вториот сет побара медицинска пауза поради проблем со долниот дел од грбот. Ѓоковиќ потоа го задржа ритамот и во третиот сет стигна до победата.
„Морав да ја преживеам бурата“
„Ова беше супер тежок натпревар, многу интензивен од самиот почеток. Тој ја удираше топката прекрасно и беше екстремно агресивен. Бев под напад од првиот поен, морав да ја преживеам бурата, но успеав да го најдам својот ритам во вториот сет“, изјави Ѓоковиќ по натпреварот.
Ова е 20тата победа на Ѓоковиќ оваа година на АТП турнирите, со што ја продолжи низата на 21 последователна сезона во која стигнува до таа бројка, наведува Би-Би-Си. Тоа му е и 33та последователна победа против француски тенисер.
Трката за Торино
39-годишниот Србин е 11ти на листата за пласман на завршниот турнир во Торино, на кој настапуваат најдобрите осум тенисери од сезоната. Тој заостанува 319 поени зад деветтопласираниот Рафаел Јодар, кој исто така се пласираше во второто коло во Базел, пишува официјалната страница на АТП.
Ѓоковиќ, кој овој месец ја освои титулата во Пекинг, се бори за рекорден 19ти настап на завршниот турнир во сезоната.
















