Првата тенисерка на светот, Елена Рибакина, го одбрани трофејот на турнирот во Нингбо. Претставничката на Казахстан во финалето ја совлада Канаѓанката Лејла Фернандез со 6-2, 6-2 за само еден час и 16 минути.
Рибакина во секој сет направи по два брејка и во текот на целото финале не го загуби својот сервис. Тоа беше нејзина трета последователна победа над Фернандез, со што сега води со 4-2 во меѓусебните дуели.
Финалето го заврши со својот 24ти винер на мечот, а по победата истакна дека со секој натпревар во Нингбо играла сè подобро. „Денес беше многу солиден настап од моја страна. Се надевам дека и следната недела ќе продолжам така“, додаде Рибакина.
Ова е четврта титула за Рибакина оваа сезона, најмногу од сите тенисерки во 2026 година. Претходно триумфираше на Австралија опен, во Штутгарт и на УС опен. Ова е нејзина прва титула откако стана прва на светската ранг-листа.
Според ВТА, Рибакина првпат во кариерата одбрани титула, откако минатата година во финалето во Нингбо ја совлада Мира Андреева. Таа сега има осум последователни победи на овој турнир.
„Нингбо е веќе посебно место за мене. Минатата година токму оттука почнав да играм многу добро, па се надевам дека ова ќе ми даде дополнителна мотивација и позитивна енергија“, изјави Рибакина.
Рибакина досега играла во 28 финалиња на ВТА турнирите, а во последните 15 освоила 11 титули. „Се сеќавам дека бев многу вознемирена кога постојано губев во финалињата, а сега работите одат во моја корист“, рече Казахстанката.
Ова е 15та титула во нејзината кариера и седма на турнирите од категоријата ВТА 500. Рибакина има и 53 победи оваа сезона, најмногу од сите тенисерки, пред Мира Андреева и Џесика Пегула, кои имаат по 50.
















