Шефот на стручниот штаб на Работнички, Баже Јанакиевски, доби едномесечна забрана за вршење на функцијата, одлучи Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница.
Со тоа Работнички во наредниот месец ќе остане без својот главен тренер на клупата, пренесуваат македонските медиуми. Во соопштението на федерацијата не е наведено поради кој прекршок е изречена казната.
Најдолга забрана доби Тодор Туриманџов, претставник на Тиквеш 1930, кој нема да може да ја врши својата функција три месеци. Тој доби директен црвен картон на натпреварот против Вардар во 14то коло од Првата лига.
Фудбалерот на Арсими, Лорик Каба Јакупи, ќе пропушти три натпревари поради директниот црвен картон што го доби на гостувањето кај Скопје, исто така во 14то коло од Првата лига.
Комисијата поведе постапки и против Пелистер и Тетекс поради употребата на пиротехнички средства од страна на навивачите на нивниот меѓусебен натпревар во 12то коло од Втората лига.
Поради истата причина е поведена постапка и против Тиквеш 1930, чии навивачи користеле пиротехнички средства на гостувањето кај шампионот Вардар.
Одлуките од седницата ги објавија „СпортСпорт“ и „Слободен печат“.
Управниот одбор на ФФМ, пак, го усвои предлогот за отпишување на долгот на компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци кон федерацијата, во вкупен износ од 1.261.272 денари, односно околу 20.000 евра. Според „МакФудбал“, одлуката е донесена за да се избегне дополнително финансиско оптоварување на компанијата и нејзиниот сопственик, со очекување средствата да бидат насочени кон младинските категории на Тиквеш.
















