ФИФА потврди хакерски напад и кражба на лични и деловни податоци

Седиштето на ФИФА во Цирих
Фото: albinfo / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека била жртва на хакерски напад, при што биле украдени лични и деловни податоци, пишува Би-Би-Си спорт.

„ФИФА може да потврди дека била жртва на криминален сајбер-напад, кој резултирал со неовластен пристап до ограничен број лични и деловни информации. ФИФА тесно соработува со надлежните органи, вклучително и со полицијата“, се наведува во соопштението на федерацијата.

„ФИФА најостро го осудува незаконското прибавување и објавување информации, особено на лични податоци. Таквите постапки се сериозно и неприфатливо нарушување на приватноста и можат да имаат значителни последици за засегнатите лица“, додаде ФИФА.

Одговорноста за нападот преку интернет ја презеде групата која се нарекува „Хендсам бој хакинг клаб“ и која минатата недела објави снимки од екранот на кои се прикажани документи на ФИФА. Групата тврди дека дошла до 12 гигабајти податоци, но според анализите, тоа е помалку од 0,1 отсто од сите податоци со кои располага федерацијата.

Според Би-Би-Си, не станува збор за пад на системите или за технолошки пропуст, туку за напад при кој напаѓачите дошле до документите преку лажно претставување и злоупотреба на вработените. Медиумот дознава дека меѓу украдените податоци нема документи поврзани со проектот „ФИФА Форвард ентерпрајз“, пропаднатиот план на претседателот Џани Инфантино за продажба на дел од Светското првенство.

Порталот Рекорд пишува дека хакерите неуспешно се обиделе да изнудат пари од ФИФА, по што украдените податоци ги објавиле на форум на сајбер-криминалци. Според тврдењата на групата, меѓу нив има документи за идентитет и имиграција, како и финансиски и правни документи. ФИФА не одговори на дополнителните прашања за природата на нападот.

Нападот доаѓа само неколку дена откако шпанската Ла Лига соопшти дека хакери украле лични податоци на навивачи при напад врз нејзините дигитални услуги и врз услугите на неколку шпански клубови.