Јапонецот Ташима ќе се кандидира против Инфантино

Козо Ташима
Фото: 内閣官房内閣広報室 / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Почесниот претседател на Фудбалската федерација на Јапонија, Козо Ташима, ја објави својата кандидатура за претседател на ФИФА. Тој ќе се обиде да го победи актуелниот претседател Џани Инфантино, кој бара четврти мандат.

68-годишниот Ташима е член на Советот на ФИФА, а во минатото беше репрезентативец и фудбалски тренер. На чело на јапонската федерација беше од 2016 година, пишува Би-би-си.

„Верувам дека е важно јасно да му се пренесат на фудбалскиот свет интегритетот, стабилноста и високите морални стандарди што јапонскиот фудбал ги негува и гради со години. Одлучив да се кандидирам за да ја пренесам оваа филозофија на светот и да придонесам за подобра иднина на фудбалот“, изјави Ташима.

Поддршка од УЕФА

Според Гардијан, Ташима ја има поддршката на УЕФА, која во последните недели бараше противкандидат на Инфантино. Како и секој кандидат, тој ќе мора да обезбеди поддршка од најмалку пет национални федерации членки на ФИФА.

Рокот за пријавување кандидати е 18 ноември, а изборите ќе се одржат на 18 март 2027 година во Рабат. Право на глас имаат 211 федерации, а за победа се потребни 106 гласа.

Инфантино беше под силен притисок откако се дозна дека планирал да продаде удели во Светското првенство на приватни инвеститори. Проектот беше напуштен на крајот на јули, по силните реакции во светскиот фудбал.

И покрај тоа, Швајцарецот во последните месеци ја зацврсти поддршката. Тој изјави дека зад себе го има огромното мнозинство од фудбалскиот свет, а целосна поддршка доби и од Азиската фудбалска конфедерација.

Ташима не е единствениот противкандидат. Поранешниот одбранбен играч на Тотенхем, Рамон Вега, уште во октомври прв ја најави својата кандидатура за изборите.