Јокиќ и Дејвис се играчи на неделата во Ен-Би-Еј лигата

Никола Јокиќ изведува слободно фрлање
Фото: All-Pro Reels / Викимедија комонс (CC BY-SA 2.0)

Центарот на Денвер, Никола Јокиќ, и крилниот центар на Вашингтон, Ентони Дејвис, се прогласени за најдобри играчи во петтата недела од сезоната во Ен-Би-Еј лигата, која траеше од 16 до 22 ноември. Јокиќ го доби признанието во Западната, а Дејвис во Источната конференција, објави Ен-Би-Еј.

Јокиќ минатата недела имаше просек од 28,8 поени, 12 скока и 9,5 асистенции. Српскиот центар имаше 60 отсто успешност при шутот од игра, 42,1 отсто при шутот за три поени и 89,5 отсто при изведувањето слободни фрлања, наведува Хупс румрс.

Денвер забележа три победи на тие четири натпревари. Нагетс ја почнаа неделата со пораз од Феникс, а потоа ги совладаа Бостон, Хјустон и Чикаго. Според клубот, ова е 21во неделно признание за трикратниот најкорисен играч на лигата, кој по нешто послабиот почеток на сезоната повторно е во својата вообичаена форма.

Дејвис имаше просек од 26,5 поени, 9 скока, 1,5 асистенции, 1,3 блокади и една украдена топка, со 58,6 отсто успешност при шутот од игра. По поразот од Мемфис, Вашингтон ги совлада Торонто, Чикаго и Орландо, а со трите последователни победи ја прекина серијата од осум порази.

За десеткратниот учесник на Ол-стар натпреварот ова е 12то неделно признание во кариерата, соопштија од Вашингтон.

Во конкуренција на Западот беа и соиграчот на Јокиќ, Џамал Мареј, како и Девин Букер, Лука Дончиќ, Купер Флег, Џејден Макданиелс и Виктор Вембанјама. На Истокот беа номинирани Никил Александер-Вокер и Дајсон Данилс од Атланта, Џејлен Брансон и Карл-Ентони Таунс од Њујорк, Џејмс Харден и Донован Мичел од Кливленд, Тајлер Хиро од Милвоки и Франц Вагнер од Орландо.

Во четвртата недела најдобри беа Вембанјама и Јанис Адетокумбо, во третата Дончиќ и Брансон, во втората Вембанјама и Џејсон Тејтум, а во првата недела признанијата ги добија Тај Џером и Тајриз Макси.