Спортскиот арбитражен суд во Лозана (КАС) денеска попладне ќе ја објави одлуката по жалбата на Сенегал, со која ќе се утврди кој е шампион на Африканскиот куп на нациите 2025. Судот во понеделникот ги извести странките дека пресудата ќе биде донесена во текот на попладнето, без да наведе точен час, пренесува Индипендент.
Сенегал го доби финалето против домаќинот Мароко со 1-0 по продолженија на 18 јануари во Рабат, но два месеца подоцна остана без трофејот. Апелациониот одбор на Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) оцени дека Сенегалците службено го загубиле финалето бидејќи го напуштиле теренот, па на Мароко му додели победа со 3-0 и шампионска титула.
Спорот настана во завршницата на регуларниот дел од финалето. По проверката со ВАР, судијата досуди пенал за Мароко, а фудбалерите на Сенегал во знак на протест го напуштија теренот, при што дел од нив отидоа во соблекувалната. Играта беше прекината цели 14 минути, а потоа продолжи.
Браим Дијаз го промаши пеналот, па се играа продолженија во кои Сенегал го постигна единствениот гол. Сепак, КАФ подоцна одлучи дека самото напуштање на теренот значи предавање на натпреварот, наведува Ал Џезира.
Сенегалската федерација поднесе жалба до КАС на 25 март. Нејзиниот главен аргумент е дека одлуката на судијата е конечна, а тој дозволил финалето да се одигра до крај. Сенегал, Мароко и КАФ ги изнесоа своите аргументи на рочиштето во Лозана на 8 октомври.
Судот првично најави дека ќе донесе одлука неколку дена по рочиштето, но потоа одлучи да донесе целосна пресуда со образложение, за чија подготовка се потребни неколку недели. Ваквите пресуди имаат иста правна тежина како и одлуките на националните судови и можат да се спроведат преку спортските федерации или државните судови.
Судскиот совет што одлучува за случајот го предводи францускиот експерт за спортско право Жерал Симон, а негови членови се италијанскиот професор по меѓународно право Луиџи Фумагали и професорот по право на Универзитетот во Цирих, Улрих Хас.
Претседателот на КАФ, Патрис Моцепе, во понеделникот во Јоханесбург порача дека конфедерацијата ќе ја почитува пресудата. „Која и да е одлуката на КАС, ќе ја почитуваме и ќе се придржуваме до неа, бидејќи интегритетот на играта, кредибилитетот и почитта не се предмет на преговори“, изјави Моцепе, пренесува Африка сокер.
Ако жалбата биде прифатена, Сенегал ќе си ја врати титулата што ја освои на теренот. Во спротивно, Мароко официјално ќе остане шампион на Африка.
















