Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, повеќе не е тренер на косовскиот суперлигаш Влазними од Ѓаковица, а на негово место клубот веднаш назначи друг македонски стручњак, Никола Божиновски, објави Коха.
Од клубот во средата соопштија дека соработката е прекината со заемна согласност. Влазними му се заблагодари на Јончевски за ангажманот и придонесот и му посака успех во понатамошната кариера.
До разделбата дојде по слабиот почеток на сезоната. По десет одиграни кола во косовската Суперлига, Влазними има само две победи и осум порази и се наоѓа на претпоследното место со 12 бода.
Јончевски беше претставен како тренер на Влазними на 10 август. Клубот од Ѓаковица остана во Суперлигата и оваа сезона откако друг клуб не ги исполни условите за лиценцирање, пишува Арбреш инфо.
Македонскиот стручњак и претходно работеше во косовската кошарка, каде што неколку месеци ја водеше Трепча, а беше тренер и на Башкими. Во својата богата кариера ги водеше и МЗТ Скопје, Кожув, Гостивар и Работнички, како и српскиот Спартак од Суботица, полскиот Шлонск од Вроцлав и унгарскиот Атомерему.
Јончевски долги години беше дел од македонската репрезентација, најпрво како член на стручниот штаб, а потоа и како селектор. И по неговото заминување, клупата на Влазними останува во македонски раце, бидејќи раководството одлучи да му ја довери на уште еден стручњак од Македонија.
Од клубот му посакаа добредојде и успех на новиот тренер Божиновски, кој сега ќе има задача да ја извлече екипата од дното на табелата, наведува Приштина пост.
















