Поранешниот англиски репрезентативец Рахим Стерлинг доби условна затворска казна од 12 месеци, со рок на проверка од 18 месеци, откако призна дека опасно возел по автопат додека вдишувал азотен оксид од балон, пренесува Би-Би-Си.
Пресудата ја изрече судијката Кирсти Олман во прекршочниот суд во Бејсингстоук. Стерлинг, кој има 31 година, мора да одработи и 100 часа општокорисна работа, а му е изречена и забрана за управување со возило во траење од 24 месеци.
Фудбалерот се изјасни за виновен за опасно управување со својот „ламборгини урус“ и за поседување азотен оксид, познат и како гас за смеење. Инцидентот се случил на 28 мај на автопатите М25 и М3 и на два локални патишта во Хемпшир, а Стерлинг на крајот удрил во метална порта и бил уапсен.
Според судот, Стерлинг бил забележан нешто по еден часот по полноќ во близина на ресторан за брза храна во Хејс како вози непредвидливо и со брзина, вдишувајќи гас од розов балон. „Во 7:45 часот, без да спиете, донесовте намерна и целосно себична одлука да возите без доволно сон и додека консумирате дрога од класата Ц“, му рече судијката.
Сведоците на автопатот го опишале неговото возење како „ужасно“, посочувајќи дека ги менувал сообраќајните ленти и навлегувал во средишниот појас. По ударот во портата, возилото било толку оштетено што повеќе не можело да се вози, наведува Би-Би-Си.
Судијката оцени дека употребата на азотен оксид станала „штетен механизам за справување со тешкиот период“ во неговата кариера, но додаде дека неговиот карактер досега бил „примерен“ и дека тој бил пример за многу млади луѓе. При изрекувањето на казната како олеснителна околност беше земено предвид и неговото признавање на вината.
Стерлинг ја сослуша пресудата без никаква реакција, а потоа го напушти судот без да даде изјава, пишува Гардијан.
Тој последен пат настапуваше за Фејенорд, за кој одигра само осум натпревари откако во јануари го напушти Челси. Со Манчестер Сити освои четири титули во Премиер лигата, а за Англија последен пат настапи на Светското првенство во Катар во 2022 година, потсетува Би-Би-Си спорт.
















