Капата доле – Раниери одби да ги обвини играчите на Лестер за отказот


Дербија во Мадрид и Минхен: Последна шанса за Тен Хаг? ↓↓↓


Поранешниот тренер на Лестер Клаудио Раниери рече денеска дека некој во тој клуб работеше против него, но истакна дека не мисли фудбалерите стоеле позади неговиот отказ.

„Не можам да поверувам дека ме убиле моите играчи. Не, не, не. Можеби тоа беше некој кој стоеше позади мене. Имавме мал проблем во минатата сезона и ја освоивме титулата. Можеби во оваа сезона, кога губевме, тие истуркаа малку посилно“, рече Раниери за британски Скај Спорт.

Раниери во минатата сезона изненадувачки го водеше Лестер до титула шампион во Премиер лигата, прва во клупската историја.

Лестер во оваа сезона бележи слаби резултати во првенството на Англија, но добро му оди во Лигата на шампионите. И покрај се, Раниери е сменет во февруари.

Наместо него е поставен помошниот тренер Крег Шекспир, кој од тогаш врза пет натпревари по ред, како и триумф над Севиља во осмина финалето на ЛШ.

„Слушам многу приказни. Не сакам да кажам за кого се работи, јас сум лојален човек Тоа што го имам да кажам, јас ќе кажам во лице “, рече Раниери.

После заминувањето на Раниери имаше приказна дека играчите на Лестер беа причина за неговиот отказ, но Џејми Варди и Каспер Шмајхел тоа го демантираа.
Смената следеше после поразот од Севиља со 2:1 во првиот натпревар од осмина финалето на Лигата на шампионите.

„Мислев дека тој натпревар е пресвртница, сите на теренот се бореа заедно. На пат за дома дознав дека ќе бидам отпуштен. Тоа за мене беше шок, како и за многу луѓе“, рече Раниери.

Неговата смена предизвика голема поддршка од колегите, фудбалски аналитирачи, навивачи, додека легендарниот англиски репрезентативец Гари Линикер рече дека „пуштил солзи“.

Тренерот на Манчестер Јунајтед Жозе Мурињо ги носеше иницијалите на Раниери на маицата и рече дека фудбалерите на Лестер се себични.

Раниери наведе дека добил поддршка од луѓето ширум светот.

„Тоа беше неверојатно. Кога ја освоивме титулата, добив многу подароци, па така куќата ми беше полна кога добив отказ. Во случај да немате време на сите да одговорите, сакам да им се заблагодарам. Освојував трофеи ширум Европа, но никогаш титула. Три пати бев втор. Лестер и навивачите ќе бидат во моето срце цел живот“, рече Раниери.