Металург се засили со играч на ПСЖ


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Доста раздвижено е овие неколку денови во официјалните простории на РК Металург.

Неколку ракометари ги продолжија договорите со клубот, неколку веќе ги спакуваа куферите, а има и две нови засилувања.

Капитенот на клубот, Жарко Пешевски го продолжи договорот со клубот на две години, додека пак нови едногодишни договори потпишаа Дарко Арсиќ, Александар Гуглета и Вања Илиќ.

„Старо-ново“ име во клубот е Дарко Димитриевски кој доаѓа од редовите на Борец и потпиша едногодишен договор. Во клубот се врати и младинскиот репрезентативен чувар на мрежата Никола Даниловски кој беше позајмен во редовите на Пелистер.

Нов ракометар на Металург е талентираниот Јануш Лапајне кој доаѓа од редовите на европскиот вицешампион, Пари Сен Жермен. Младиот Словенец во својата кариера покрај за ПСЖ има настапувано и за екипите на Ајдовчина и Урбанскапе.

Од клубот од Автокоманда најавуваат дека во следните денови ќе следат уште неколку засилувања во екипата.

Мартин Марчец, Амин Јусефинеџад, Немања Младеновиќ, Предраг Вејин и Горан Печенковски се ослободени од обврските и ќе може да си бараат нови клубови.