Одбраната на Работнички како швајцарско сирење: Хонвед со четири гола ги испрати „Романтичарите“ (Видео)


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Екипата на Работнички претрпе пораз од 4:0 на гостувањето кај Хонвед во Будимпешта и со тоа забележа елиминација уште во првото коло од квалификациите на Лигата на Европа.

Избраниците на Ѓоре Јовановски одиграа потпросечен натпревар, посебно кога во прашање е одбраната која беше директен виновник за три од четирите погодоци на домаќинот.

Хонвед дојде до водство уште во 6. минута преку Холендер кој ја искористи катастрофалната грешка на Дејан Митрев и го матираше Божиновски.

На 2:0 зголеми истиот играч само десет минути подоцна откако одлично се снајде во шеснаесетникот на Работнички и по втор пат ја затресе мрежата на Божиновски, кој мораше да реагира многу подобро.

Со овој резултат се замина на полувреме, а Работнички во вториот дел заигра многу подобро отколку во првото полувреме. Сепак, наместо гол во мрежата на домашниот тим следуваше уште една казна.

Оливер Пеев лошо реагираше при изнесувањето на една топка, а Херера го фаулираше Данило во казнениот простор за што судијата покажа на белата точка, а згора на тоа го исклучи фудбалерот на Работнички. Сигурен реализатор беше играчот врз кого беше направен прекршокот, Данило.

Истиот играч го постави и конечниот резултат во 84. минута кога на одличен начин по четврти пат го матираше Даниел Божиноски.

И вториот македонски претставник, екипата на Шкупи претрпе елиминација во првото коло откако одигра храбро реми без голови против големиот фаворит Глазгов Ренџерс кој од клупата го води славниот Стивен Џерард.

Во првиот натпревар во Шкотска тимот од Чаир загуби со 2:0 иако и таму беше тврд противник на шкотскиот гигант.

Единствен македонски претставник во Лига Европа остана само Вардар кој во четврток го игра реванш натпреварот со ПЈуник на арената „Филип Втори“ во Скопје.