Работнички го победи Куманово и закажа дуел со Карпош Соколи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Работнички во третиот четвртфинален натпревар од купот на Македонија го победи Куманово со 87:81.

Чековски и Тасовски на почетокот на натпреварот погодија тројки за водство од 6:0 на скопскиот клуб. Работнички направи серија од десет поени за првото двоцифрено водство на натпреварот, 18:5. Осум од десетте поени во голема серија на Работнички ги постигна Мираковски, а преостанатите два Тасовски од линијата за слободни фрлања. Гостите преку Неговановиќ кој постигна пет поени во низа намалија на едноцифрена негатива, 18:10. Чековски и Николиќ со четири поени во низа ја вратија двоцифрената вредност на скопскиот клуб, 22:10. Караколев погоди тројка за кумановци, а пет секунди пред крајот на првата четвртина Николиќ постигна два поени за 24:13 после десет минути игра.

Мишановиќ со три поени во низа ја зголеми на петнаесет поени предност, 30:15. Николиќ и Мишановиќ петнаесет секунди пред крајот постигнаа пет поени во низа за 42:27. Кумановци преку Караџовски кој погоди две слободни фрлања ја намалија негативата на 13 поени, 42:29 стоеше на семафорот на полувреме.

Работнички со трите поени на Чековски ја отвори третата четвртина, 42:29. Со иста мерка на другата страна возврати Пековиќ, 45:32. Разиграниот Пековиќ со четири поени во низа намали на 11 негатива, 47:36. Потоа се играше кош за кош. Две минути пред крајот на третата четвртина Караџовски и Караколев спуштија на десет негатива, 57:47. Тројката на Ефремовски и трите поени на Маслинко му донесоа водство на Работнички, 63:47. До крајот на третата четвртина Караџовски и Пековиќ погодија за 63:51 пред последните десет минути од натпреварот.

Почетокот на последната четвртина од натпреварот донесе три поени на Јанески кои ја намалија негативата на кумановци на едноцифрена, 63:54. Двете тројки во низа на Караџовски и Браун го натераа Докузовски да повика тајм-аут бидејќи Куманово се приближи само на пет негатива, 70:65. После повиканиот тајм-аут Чековски погоди тројка за 73:65. Мишановиќ и Чековски три минути пред крајот на натпреварот му донесоа на Работнички двоцифрена предност, 79:67. Кумановци преку Браун, Неговановиќ и Караџовски намалија на 79:75. И повторно тренерот на Работнички, Докузовски повика тајм-аут по кој Мираковски и Мишановиќ погодија за два, 83:75 стоеше на семафорот 50 секунди пред крајот на натпреварот. Работнички на крајот победи со 87:81.

Мишановиќ со 23 поени го предводеше Работнички. Мираковски додаде 19, Чековски 17, а Николиќ 12 поени. Кај Куманово најмногу се истакна Караџовски со 19 поени. Неговановиќ постигна 15, Браун 14, Јанески 12, а Караколев 10 поени.

Работнички во полуфиналето ќе игра против тимот на Карпош Соколи.