Ѓоковиќ стана партнер на нов луксузен бренд со облакодер во Мајами

Новак Ѓоковиќ влегува во уште еден голем бизнис-проект. Српскиот тенисер е глобален партнер на Атма, новиот бренд на хотелската групација Аман, чиј прв проект е облакодер висок околу 320 метри на брегот на заливот Бискејн во Мајами, објави групацијата Аман.

Кулата во населбата Брикел ќе има хотел, луксузни станови и приватен клуб за членови. Според Аман, во неа е планиран и велнес и спа центар на површина од околу 11.000 квадратни метри, со затворени терени за тенис и падел, студија за тренинг и простории за опоравување.

Ѓоковиќ ќе ги предводи програмите на брендот поврзани со долговечноста, исхраната, спортовите со рекет и велнесот, пренесува 22 Мајами.

Проектот го развиваат компаниите ОКО груп и Оук Роу Еквитис. Кулата ја дизајнира архитектонското студио Шоп, а ентериерот го дизајнира студиото на Паоло Ферари, наведува Биснау.

Становите ќе имаат од една до шест спални соби, а сопствениците ќе имаат посебни базени, фитнес и спа простории, како и предност при зачленувањето во клубот, во кој се влегува само со покана.

Проектот предвидува и ресторани, барови и простори за забава, а кулата ќе има директен пристап до шеталиштето покрај заливот и до соседната марина.

Изградбата треба да заврши во 2031 година. Атма Мајами е првата најавена локација на брендот, кој, според Аман, ќе се шири и во градски и во оддалечени дестинации.

Ѓоковиќ, кој има рекордни 24 гренд слем титули и олимписко злато од Париз 2024, и понатаму е активен тенисер. На мастерсот во Париз, на почетокот на ноември, загуби во второто коло од Ринки Хиџиката.