Реал Мадрид вечерва од 21 часот во „Мовистар арена“ ја пречекува Црвена звезда во еден од најатрактивните дуели од 11тото коло на Евролигата. Тоа е средба меѓу најдобриот напад и најдобрата одбрана во натпреварувањето.
Реал Мадрид има учинок од шест победи и четири порази, а во последното коло загуби од Панатинаикос со 112-115 по продолженија. Мадриѓаните, предводени од Педро Мартинез, постигнуваат во просек по 97,8 поени, најмногу во Евролигата, пишува на официјалниот сајт на Реал Мадрид.
Црвена звезда пристигнува во шпанската престолнина како второпласирана на табелата, со седум победи и три порази и три последователни триумфи. Тимот на Ибон Наваро во последното коло го совлада Олимпијакос во Пиреја со 62-57 и прима во просек само по 75 поени на натпревар, најмалку во лигата.
Домаќините имаат долга листа на отсутни играчи. Во составот нема да бидат Факундо Кампацо, Тео Маледон, Микаел Јантунен, Габриел Дек и Усман Гаруба, додека кај Звезда единствено отсуствува Стефан Миљеновиќ, кој неодамна имаше операција на скочниот зглоб, пренесува Баскетбол сфера.
„Во напад имаат играчи како Џонс или Картер, кои се навистина добри и имаат голема способност за постигнување поени. Многу се физички тим. Тие се една од најдобрите екипи во Евролигата во моментов и ќе биде многу тежок натпревар. Влегуваме со самодоверба, во нашата сала веруваме дека можеме да победиме секого“, изјави Мартинез на прес-конференцијата, објави Реал Мадрид.
Тренерот на Реал потврди дека Чума Океке тренирал нормално и дека ќе биде на располагање, како и дека Серхио Љуљ и понатаму ќе игра на позицијата плејмејкер поради бројните повреди.
Историјата на меѓусебните дуели во Евролигата е на страната на Мадриѓаните, кои имаат 15 победи и шест порази. Реал славеше на седум од последните осум натпревари против Звезда, вклучително и со 103-82 во Мадрид минатата сезона.
















