Данскиот тенисер Холгер Руне се пласираше во четвртфиналето на турнирот во Стокхолм, една година откако токму на истиот турнир ја скина Ахиловата тетива. Поранешниот четврти тенисер на светот во осминафиналето го совлада Миомир Кецмановиќ со 2-6, 6-1, 6-4, пренесува Тенис мејџорс.
Српскиот тенисер, кој е 64ти на светската ранг-листа, одлично го започна натпреварот и го доби првиот сет со 6-2. Руне во вториот сет загуби само еден гем, а во третиот ја реши средбата во своја корист.
Ова е 40то четвртфинале на АТП-турнирите за 23-годишниот Данец, кој е петтиот тенисер роден во 2000тите години што стигнал до оваа бројка. Пред него тоа го направија Феликс Оже-Алијасим, Јаник Синер, Карлос Алкараз и Лоренцо Музети.
Руне минатиот октомври, во полуфиналето во Стокхолм против Иго Умбер, ја скина Ахиловата тетива и мораше да биде опериран. Следуваше 11-месечна рехабилитација, а на теренот се врати во септември.
„Беше застрашувачко. На почетокот не знаевме точно што се случило, но да се вратам и да играм тука веќе следната година е неверојатно. Многу сум среќен што играм тука, блиску е до дома и има многу дански навивачи“, изјави Руне пред турнирот, пренесува Стокхолм опен.
Во четвртфиналето Руне ќе игра против првиот носител Тејлор Фриц, кој го совлада Камерон Нори со 7-5, 6-3. Американецот води со 2-1 во меѓусебните дуели, а последниот натпревар го доби со 6-1, 6-2 во Шангај во 2024 година.
Изненадување во Стокхолм приреди квалификантот Александар Шевченко, кој го елиминираше бранителот на титулата и втор носител Каспер Руд со 6-7, 6-4, 6-3. Шевченко во четвртфиналето ќе игра против Тијаго Агустин Тиранте, а во другите две средби ќе се сретнат Алекс Микелсен и Алехандро Табило, како и Лоренцо Музети и Умбер.
















