Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Фудбалерите на Арсенал во синоќешното финале на Лига Европа кое се одигра во Баку беа поразени од Челзи.
Топџиите против градскиот ривал не се покажаа во најдобро светло и на крајот изгубија со резултат од 4:1, а со овој пораз Арсенал воедно ја испушти и последната шанса за од следната сезона да игра во Лигата на Шампионите.
Разочарувањето, секако беше присутно и кај тренерот Емери.
„Можеби нас не погодува фактот дека нема да настапуваме во Лигата на Шампионите, тоа би можело да ги отежни и некои работи во овој летен преоден рок, а ние сеедно сме голем клуб. За тоа мораат да бидат свесни и играчите“, кажа Емери после натпреварот кој смета дека неговиот тим и покрај поразот напредува многу во последно време.
„Знаевме дека ќе биде тешко и дека сме во процес на промена… Главната цел, навистина, не успеавме да ја оствариме, но мислам дека сме многу блиску со самото играње на ова финале. Следната година ќе биде голем предизвик за да направиме нов чекор. Разочарувањето секако дека постои…“, додаде Емери.
Кога се во прашање евентуалните трансфери, на таа тема конкретно не можеше ништо да изјави. Истакна дека во клубот максимално работат да бидат се подобри од година во година и дека за тоа имаат се што им е потребно.
Единствениот гол кој Арсенал го постигна на синоќешниот натпревар го постигна Алекс Ивоби, додека за Челзи стрелци беа, Оливер Жиру, Педро и два пати Еден Азар.