Возот со кој фудбалерите на Локомотив Москва се враќаа од гостувањето во Ростов беше погоден од дрон во ноќта кон понеделникот. Ниту еден играч или член на стручниот штаб не е повреден, пренесува Meduza.
Инцидентот се случил кај станицата Сомово, во близина на Воронеж, во возот број 11 на релацијата од Анапа кон Москва. Според руските медиуми, дронот погодил вагон кој бил оддалечен неколку вагони од оној во кој патувала екипата.
Според руските железници, во нападот се повредени пет лица. Лекарите на Локомотив им помогнале на повредените патници пред пристигнувањето на итните служби, пишува Коммерсант.
Екипата продолжи со автобус
По инцидентот, тимот продолжил кон Москва со автобус. Првите информации за нападот врз возот ги објавил новинарот Иван Карпов на својот канал на Телеграм, по што клубот излезе со официјално соопштение, пренесува Sport.ru.
„Поради информациите кои се појавија во медиумите, Локомотив соопштува дека екипата во целост се врати во тренинг базата и ги започна подготовките за натпреварите во Купот и во првенството на Русија. Сите служби на клубот реагираа брзо, усогласено и професионално“, се наведува во соопштението.
Од московскиот клуб изразија посебна благодарност до Руската премиер лига и до раководството на Факел од Воронеж за поддршката.
Напаѓачот Сергеј Пињаев за руските медиуми изјави дека сите се добро.
Локомотив се враќаше од Ростов, каде што во 12то коло од руското првенство загуби со 0-2. Московскиот тим е 13ти на табелата со 11 бода, а во следното коло, на 1 ноември, на свој терен го дочекува Спартак.
















