Лејкерс води со 1-0 против Денвер на Западот по одличниот настап на Дејвис (ВИДЕО)

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс успеаа да поведат во финалната серија на Западот против Денвер нагетс затоа што првиот меч го добија со 126-114.

Лејкерс сигурно се најголем фаворит за освојување на НБА-лигата сезонава, а Денвер покажа дека не треба лесно никој да ги отпише.

Екипата на Леброн Џејмс го диктираше темпото од самиот почеток, но Денвер ја доби првата четвртина со 38-36, по што Лејкерс направи пресврт и на полувреме поведе со 70-59.

Тимот од Лос Анџелес доминираше и во третата четвртина, каде што стигна до водство од 103-79, но Денвер во последната четвртина успеа да ја намали предноста. Сепак, на крајот славеше Лејкерс со 126-114.

Ентони Дејвис беше одличен со 37 поени, 10 скокови и четири асистенции, додека Џејмс имаше 16 поени и 12 асистенции. Кај Денвер се покажаа најмногу Никола Јокиќ и Џамал Мареј со по 21 поен.