Суарез добил телефонски повик за да се врати во Англија?

Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез се наоѓа на праг да го напушти Атлетико Мадрид, кој го засили на почетокот на минатата сезона од Барселона, а негова следна дестинација треба да биде Астон вила.

Суарез во претходните недели играше лошо, па сè повеќе време минува на клупата за резервни фудбалери, а во една ситуација се скара и со тренерот Диего Симеоне, кој реши да го повлече од игра.

Атлетико добил неколку понуди за Суарез од Бразил, како и една понуда од Саудиска Арабија, но Уругваецот не сака да ја напушти Европа и смета дека сè уште може да игра на врвно ниво.

Шпанскиот новинар Џерард Ромеро објави дека Суарез може да се врати во Англија, и тоа во Астон вила која ја предводи неговиот поранешен соиграч Стивен Џерард, кој веќе контактирал со него преку телефонски повик.