Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст ↓↓↓
Погба и Фати не се подготвени за почетокот на француското првенство.
Средниот играч за врска Пол Погба и напаѓачот Ансу Фати, двете најголеми засилувања на Монако овие летни трансфери, не се физички подготвени за старт на сезоната во француската лига.
“Во моментов не се подготвени и не се во составот. Ансу тренира со тимот повеќе од една недела. Тој е подобро подготвен од Пол, кој постепено се приклучува кон екипата”, изјави денес тренерот на Монако, Ади Хитер.
Фудбалерите на Монако сезонава ја започнуваат во сабота на својот терен против Авр (19.00 часот).
Во изминативе три години, Погба се соочуваше со проблеми со повредите, а беше суспендиран на 18 месеци поради допинг.
Овој 32-годишниот поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед и Јувентус во последните неколку дена учествува во загревањата и дел од тренинзите со екипата.
“Но мораме да бидеме внимателни и да го следиме неговиот напредок. Мислам дека за две недели ќе може комплетно да тренира со тимот. Се надеваме дека ќе го видиме на теренот што е можно побрзо”, рече тренерот на Монако.
Кога Погба пристигна во Монако, клубот од кнежевството објави дека процесот на неговото враќање на фудбалските терени ќе трае три месеци.
“Можеби му е тешко што не е целосно на теренот со другите, но неговото влијание и карактер во соблекувалната и пред натпреварите се неверојатни. Им помага на младите, им објаснува работи. Секако, кога ќе биде на теренот ќе помогне уште повеќе”, истакна Хитер.
Монако минатата сезона ја заврши на третото место во француското првенство, освојувајќи директен пласман во Лига на шампиони.