Филкруг во надополнувањето го спаси Вердер, 3-3 со Гладбах

Стадионот „Везерштадион“ во Бремен
Фото: Arne Müseler / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Вердер Бремен по пресврт од 1-3 стигна до реми (3-3) против Борусија Менхенгладбах на отворањето на 11тото коло од Бундеслигата. Изедначувањето во втората минута од надополнувањето го донесе Никлас Филкруг, пренесува Бундеслига.

Гладбах подобро го почна натпреварот и поведе во 27мата минута, кога Јури Регер играше со рака во шеснаесетникот, а Кевин Дикс го реализираше пеналот за својот прв гол во сезоната.

Вердер одговори во 38мата минута. Ерен Динкчи ја дочека лошо исчистената топка на работ од шеснаесетникот и со силен удар, кој заврши од внатрешната страна на стативата, го постигна изедначувачкиот гол. Со резултат 1-1 се замина на одмор.

Гостите повторно поведоа само неколку секунди по почетокот на второто полувреме, кога Франк Онора го искористи додавањето на Зенто Уно. Онора во 78мата минута постигна уште еден гол за водство од 1-3.

Динкчи во 85тата минута го намали заостатокот, а во надополнувањето Филкруг од непосредна близина ја испрати топката во мрежата по грешка во одбраната на Гладбах. Тоа е неговиот 11ти гол на 11 натпревари.

Вердер влезе во натпреварот со една промена во однос на убедливата победа над Хамбург. Поради повредата на Џастин Нџинма, прв настап во стартната постава во Бундеслигата доби Пол Еревбенаги. Кај Гладбах, во тимот влезе Онора на местото на отсутниот Хак.

Резервистот Цедрик Итен веднаш потоа можеше да му донесе и победа на Вердер, но неговиот удар беше одбранет.

Онора, кој беше прогласен за играч на натпреварот, доби овации од гостинските навивачи при замената во 84тата минута, само минута пред Вердер да го започне пресвртот.

Вердер пред ова коло беше непоразен на првите пет домашни натпревари во сезоната и имаше освоено најмногу бодови по десет кола во последните 17 години, наведува Бундеслига.