Нотингем Форест во петокот го совлада Челси со 3-2 во натпревар од Премиер лигата на „Сити граунд“. Морган Гибс-Вајт постигна два гола, а Челси го доживеа третиот последователен пораз во првенството, пренесува Би-Би-Си.
Форест поведе уште во петтата минута. Игор Жезус со волеј ја испрати топката во горниот агол по центаршутот на Даниел Муњоз од десната страна, а Емилијано Мартинез немаше шанси да интервенира.
Челси во првото полувреме немаше ниту еден удар во рамките на голот. Шест минути по почетокот на второто полувреме, Гибс-Вајт го зголеми водството од пенал, откако Весли Фофана го собори поранешниот напаѓач на Челси, Лијам Делап.
Гостите се вратија во игра во 54тата минута, кога резервистот Емануел Емега ја искористи одбиената топка по ударот на Педро Нето. Гибс-Вајт во 72рата минута повторно му донесе на својот тим предност од два гола, откако Ксавер Шлагер му упати прецизно додавање, а тој со лоб го совлада Мартинез.
Емега во 89тата минута со глава го постигна вториот гол по центаршутот на Нето, но Форест ја одбрани предноста. Тоа е прва победа на Форест над Челси на „Сити граунд“ од 1997 година.
„Тоа беше совршена вечер. Петок навечер на ’Сити граунд’ под рефлекторите, атмосферата беше силна, а екипата одигра многу интензивно. Заслужени три бода“, изјави Гибс-Вајт.
Фофана имаше тешка вечер, бидејќи навивачите на Челси постојано го извиждуваа по неовластеното интервју за еден француски јутјубер, наведува Скај спортс. Поразот дополнително го зголемува притисокот врз тренерот Чаби Алонсо.
Со победата, тимот на Оливер Гласнер се искачи од 17тото на 14тото место, три бода над зоната за испаѓање, додека Челси остана на осмото место, пишува Асошиејтед прес.
















