Аморим со коментарот ги налути навивачите на Јунајтед – бараат негова смена!


Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст ↓↓↓


Пеколно неделно попладне за Рубен Аморим и Манчестер Јунајтед, кои ја напуштија стадионот Етихад со празни раце. Тимот на Пеп Гвардиола славеше во градското дерби со уверливи 3:0, благодарение на голот од Фил Фоден и два погодоци од неизбежниот Ерлинг Холанд, а коментарите на Аморим по натпреварот дополнително ги разлутија навивачите од Олд Трафорд, пишува givemesport.com.

Аморим, кој го замени Ерик тен Хаг на клупата во ноември 2024, сè уште не успеал да врзе две победи во Премиер лигата. Својата прва, иако неполна сезона, ја заврши на разочарувачкото 15-то место, а неговиот тим го загуби и финалето на Лига Европа од Тотенхем со резултат 1:0. Ниту летниот трансфер период, во кој доста се трошеше, не донесе подобрување. Со само четири бода од исто толку натпревари, ова е најлошиот старт на сезоната на Манчестер Јунајтед во првенството уште од сезоната 1992/93.

Во клубот пристигнаа Матеус Куња, Брајан Мбеумо и Бенџамин Шешко за да го засилат нападот, а донесен е и младиот белгиски голман Сене Ламменс. Сепак, проблемите во средниот ред повторно беа занемарени, а интересот за Карлос Балебу брзо се спласна. Затоа, сезоната 2025/26 од резултатска гледна точка изгледа подеднакво лошо како и претходната.

Аморим, кој во 47 натпревари на клупата на Црвените ѓаволи остварил само 18 победи, е свесен за својот слаб резултат, но не се откажува од своите принципи. Тој порача дека нема намера да го менува својот пристап сè додека управата, која го довела, не одлучи да го смени.

„Тоа не е рекордот што треба да го имате во Манчестер Јунајтед. Има многу работи. Немате поим што се случи во текот на овие месеци, но тоа го прифаќам. Нема да се променам. Кога ќе сакам да ја сменам својата филозофија, ќе ја сменам. Ако не, ќе треба да го смените човекот”, решително порача Аморим.