Ѓоковиќ го откажа тренингот во Мелбурн


До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ го откажа тренингот во Мелбурн пред третото коло на Австралија опен.

Причината за оваа одлука не лежи во здравствени проблеми, бидејќи српскиот тенисер на првите два настапи на турнирот делуваше многу сигурно и физички подготвено.

Многу е поверојатно дека Ѓоковиќ сака максимално рационално да ја распореди силата, имајќи го предвид екстремните временски услови кои се најавуваат за наредните денови.

Сабота, според прогнозите, треба да биде најтоплиот ден од почетокот на Австралија опен, со температура која ќе достигне дури 39 степени.

Токму поради тоа, секој дополнителен напор надвор од натпреварот може да биде пресуден во продолжението на турнирот.

Ѓоковиќ во третото коло го очекува дуел со Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп, а натпреварот е закажан за Род Лејвер арената, во рамките на првиот вечерен термин.

Според локално време, дуелот почнува во 19 часот, додека публиката во Европа ќе може да го следи од 9.00 часот наутро според средноевропско време.

Ривалството меѓу Ѓоковиќ и Ван де Зандшулп моментално е изедначено. Во досегашните два меѓусебни натпревари, двата тенисери имаат по една победа.