Роналдо го бојкотира и денешното дерби, челниците на лигата му објаснија како се доведуваат засилувања


До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Кристијано Роналдо денеска ќе го пропушти вториот последователен натпревар против Ал-Итихад во знак на протест против начинот на кој Саудискиот државен инвестициски фонд (PIF) ги третира клубовите во рамките на Саудиската професионална лига, која по сето тоа се огласи со соопштение.

Роналдо смета дека ривалските клубови се фаворизирани, особено во однос на трансферите, додека неговиот Ал-Наср е во неповолна положба.

На неговата одлука реагираше и официјалното раководство на Саудиската професионална лига, кое во соопштението нагласи дека сите клубови работат под исти правила.

“Саудиската професионална лига се заснова на едноставен принцип: секој клуб работи независно, според истите правила. Клубовите имаат сопствени управи, директори и спортски менаџмент. Одлуките за засилувањата, трошоците и стратегијата ги носат тие, во рамките на финансиската рамка која е осмислена да обезбеди одржливост и натпреварувачка рамнотежа. Таа рамка се применува подеднакво на целата лига”, се наведува во соопштението.

Во продолжение се истакнува дека Роналдо од своето доаѓање е целосно посветен на Ал-Наср, но дека ниту еден поединец, без оглед на статусот, не може да носи одлуки надвор од рамките на сопствениот клуб.

“Кристијано од своето доаѓање одигра клучна улога во растот и амбициите на Ал-Наср. Како и секој врвен играч, сака да победува. Меѓутоа, последните трансфери ја покажуваат независноста на клубовите – секое засилување е резултат на клупски одлуки, донесени во рамките на одобрените финансиски параметри”, се додава.

Раководството на лигата нагласи и дека компетитивноста на првенството ја потврдуваат резултатите, со оглед на тоа што само неколку бодови ги разделуваат водечките четири екипи, што ја прави борбата за титулата исклучително неизвесна.