Најверниот војник на Пеп Гвардиола го напушта Манчестер Сити по девет години


До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Капитенот на Манчестер Сити, Бернардо Силва, ќе го напушти клубот на крајот од актуелната сезона, потврди помошниот тренер на англискиот шампион, Пеп Лијндерс.

Договорот на португалскиот играч од средниот ред истекува на крајот од сезоната 2025/26, а според зборовите на Лијндерс, 31-годишниот фудбалер не покажал намера да ја продолжи соработката со клубот во кој поминал девет години.

Лијндерс, кој ја предводеше екипата на натпреварот против Ливерпул поради суспензијата на Пеп Гвардиола, истакна дека Силва е „единствен“ и „незаменлив“ играч.

Бернардо Силва е единствен по начинот на кој ја контролира играта, како се движи и како го води тимот. Секоја добра приказна има свој крај и се надевам дека ќе има достоен испраќај, зашто тој заслужува целата почит – изјави Лијндерс на медиумите по победата на Сити над Ливерпул (4:0) во четвртфиналето од Купот на Англија.

Силва пристигна во Манчестер Сити во 2017 година од Монако за 43,5 милиони фунти. За време на деветгодишниот престој на “Етихад”, одигра повеќе од 450 натпревари, станувајќи играч со најмногу одиграни натпревари под тренерската палка на Пеп Гвардиола.