Бегалски камп, војна и сон кој изгледаше невозможно: Сега постигна гол на Светското првенство


Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Светските првенства секогаш носат нови херои, но малку која приказна може да се спореди со онаа што денес ја пишува австралискиот репрезентативец Нестори Иранкунда.

Австралија во првото коло на Мундијалот ја совлада Турција со резултат од 2:0, а токму дваесетгодишниот напаѓач ја начна мрежата на ривалот и го трасираше патот на својата репрезентација кон големата победа.

За поголемиот дел од гледачите тоа беше само уште еден гол на најголемата фудбалска сцена. За Иранкунда значеше многу повеќе.

Тоа беше момент што го заокружи патот долг илјадници километри и исполнет со препреки какви што повеќето професионални фудбалери никогаш не морале да поминат.

Неговата приказна почнува далеку од рефлекторите на големите стадиони. Роден е во Танзанија, во семејство кое поради воени конфликти било приморано да избега од Бурунди.

Првите години од животот ги помина во избеглички камп, опкружен со неизвесност, далеку од било какви услови што денес се поврзуваат со професионалниот спорт.

Таму немаше современи терени, врвна опрема ниту големи академии. Имаше само топка и дете кое часови минуваше играјќи фудбал каде и да најдеше малку простор.

Семејството подоцна доби шанса за нов почеток во Австралија. Тоа беше моментот што му го промени животот на младиот Нестори.

Многу брзо стана јасно дека поседува посебен талент. Неговата брзина, експлозивност и способност да создава проблеми на противничките одбани го разликуваа од врсниците.

Чекор по чекор се пробиваше низ младинските селекции и привлекуваше внимание на скаутите.

Големите европски клубови почнаа да го следат неговиот развој, а пред две години стигна и повикот што го сонуваат милиони млади фудбалери.