Карлос Саинц смета дека Формула 1 мора сериозно да се преиспита по невидените софтверски проблеми што ја обележаа неделната Гран при трка на Бахреин, која годинава се возеше во Малезија. Возачот на Вилијамс и директор во Здружението на возачите (GPDA) остро ги критикуваше сегашните правила, пишува BBC Sport.
Грешка во софтверот за моторската мапа за возење по дожд предизвика повеќе болиди да имаат проблем да се движат во кругот за загревање. Меѓу возачите што останаа без моќ беа Макс Ферстапен и Луис Хамилтон. Стартот беше откажан, тимовите добија нов софтверски код, а трката почна дури еден и пол час подоцна од планираното.
„Јасно е дека правилата се исклучително комплицирани за возачите, за тимовите, за погонските единици и за производителите. Кој одлучи пред пет години дека ова е насоката по која треба да се оди? Правиме најдобро што можеме со тоа што ни е дадено. ФИА и Формула 1 прават најдобро што можат, но очигледно е дека она што беше одлучено пред четири или пет години беше погрешно. Како спорт мора да научиме да не ги повторуваме таквите грешки“, изјави Саинц.
ФИА започна целосна ревизија на случајот. Проблемот се појави затоа што годинава имаше многу малку возење на мокра патека, па специфичните околности што ја активираа грешката досега не се случиле.
Директорот на ФИА за болидите со едно седиште, Николас Томбазис, објасни дека софтверот не бил доволно тестиран, бидејќи годинава имало многу малку возење по дожд. Грешката ги ставила болидите во таканаречен „континуиран офсет“, 60-секундно заклучување на системот што може да ја исклучи и моќта на моторот со внатрешно согорување, пишува The Race. „Можам ли да гарантирам дека ова никогаш повеќе нема да се случи? Овој конкретен проблем, да. Некој друг проблем, не, но ќе дадеме сè од себе да го избегнеме“, рече Томбазис.
Шефот на Ред Бул, Лоран Мекис, во понеделникот рече дека инцидентот е добар потсетник за сите. „Веројатно треба да се погрижиме комплексноста да не ни избега од контрола. Сигурен сум дека ќе разговараме со тимовите, со ФИА и со Формула 1 за тоа како да се заштитиме од вакви ситуации во иднина“, рече Мекис.
Изјавата на Саинц е дел од пошироката дебата за новите моторски правила, со речиси еднаква поделба меѓу моќта на моторот со внатрешно согорување и електричната енергија. Моторите имаат околу 1.000 коњски сили при полна моќ, но само околу 540 кога батериите ќе се испразнат. Токму едно од ограничувањата го предизвика проблемот во Малезија: при дожд вкупната електрична моќ се намалува од 350 на 250 киловати.
Поделбата ќе се промени во корист на моторот со внатрешно согорување, на 60 спрема 40, во два чекора до 2028 година. Раководителите на Формула 1 и производителите на мотори веќе работат и на нова моторска формула, а најверојатното решение според BBC е турбо V8 мотор со околу 15 до 25 проценти електрична моќ.
Трката на Сепанг, по долгото одложување, ја доби Макс Ферстапен, што беше прва победа за Ред Бул во 2026 година.
















