Завршувањето на УС Опен донесе големи промени на АТП листата, а најмногу внимание привлекува падот на Новак Ѓоковиќ. Српскиот ас од овој понеделник повеќе не е меѓу десетте најдобри тенисери на планетата.
Ѓоковиќ поради раната елиминација на последниот Гренд слем на сезоната остана без голем број бодови. Аргентинецот Маријано Навоне го победи веќе во првото коло, па српскиот тенисер не успеа да го повтори резултатот од минатата година.
Таквиот развој настани значеше загуба од дури 790 бодови, но и пад од седум позиции. Новак сега има 2.980 бодови и се наоѓа на 12. место на АТП листата, што му е најниска позиција уште од јули 2018 година.
На самиот врв нема промени. Јаник Синер сеуште е прв во светот со 11.500 бодови, но разликата во однос на Александер Зверев сега е значително помала. Германецот со освојувањето на УС Опен стигна до 8.990 бодови и дополнително се приближи до лидерската позиција.
















