Француските власти им забранија на навивачите на Paris Saint-Germain да доаѓаат на неделното дерби против Олимпик во Марсеј. Одлуката е донесена за да се спречат можните нереди пред и за време на натпреварот од петтото коло на Лига 1, кој се игра во 20.45 часот.
Министерството за внатрешни работи официјално соопшти дека патувањето на навивачите на ПСЖ е забрането со цел да се спречи нарушувањето на јавниот ред. Забраната ќе биде на сила целата недела и се однесува на “сите лица кои се однесуваат како навивачи на Paris Saint-Germain или може да бидат идентифицирани како такви”. Ним им е забранет пристапот до градот Марсеј и поширокиот околен регион.
Оваа одлука се надоврзува на наредба која пред десет дена ја издаде заменик началникот на полицијата на департманот Bouches-du-Rhône. Со таа наредба се забрануваше пристапот на навивачите на ПСЖ до стадионот Вилодром и нивното движење по улиците на градот.
Ривалството меѓу навивачите на Марсеј и ПСЖ е едно од најголемите во Франција, а нивните средби редовно се класифицирани како натпревари со висок ризик. Статистичките податоци покажуваат дека токму тие две групи најчесто се вклучени во нереди, а нивното долгогодишно непријателство во минатото често доведувало до големи конфликти.
















