Натпреварот од првото коло во ФИБА Европа купот меѓу МЗТ Скопје и Ираклис доби продолжение надвор од теренот. Грчкиот клуб, кој во „Јане Сандански“ славеше со 64-59, официјално го пријавил транспарентот што го истакнаа домашните навивачи и најави жалба до ФИБА.
Навивачката група „Фемили Аеродром“ на една од централните трибини истакна транспарент со пораката „Името твое свето ќе го браниме пред светот“. На него беше прикажана мапа на Македонија во географските граници, вклучувајќи го и делот што денес е во Грција, со Солун и Халкидики.
Реакција уште пред почетокот
Од Ираклис соопштија дека реагирале уште пред првиот судиски свиреж. „Ираклис официјално ја информираше бугарската комесарка на натпреварот, Елеонора Ранџелова, за транспарентот со националистичка содржина на една од централните трибини и побара тој да биде отстранет. За случајот беше известена и грчката амбасада во Скопје“, стои во соопштението што го пренесоа Voria.gr и Pellanews.
Солунскиот клуб истакна дека нема да застане на пријавата кај делегатката. По завршувањето на натпреварот од Ираклис најавија нова, официјална пријава до ФИБА, со образложение дека станува збор за политичка порака на спортски терен.
Горчлива европска премиера за МЗТ
За МЗТ Скопје ова беше прв натпревар во европските натпреварувања по 25 години пауза. Македонскиот шампион ја загуби премиерата со 59-64, а посетата во „Јане Сандански“ беше пониска од очекуваната. На трибините беше и министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во групата на ФИБА Европа купот, покрај МЗТ и Ираклис, се уште Тарту, Вирцбург, АЕЛ Ларнака и Џики Варшава. Дали и каква постапка ќе покрене ФИБА по пријавата на грчкиот клуб, ќе стане јасно во наредните денови.
















