АТП од 2028 ќе им исплаќа на тенисерите над 350 милиони долари

Тениски натпревар на турнир од АТП
Фото: Крис Чермак / Викимедија комонс (CC BY 2.0)

АТП ја претстави следната фаза од проектот „Една визија“, според која вкупните примања на тенисерите од 2028 година би надминале 350 милиони долари, објави АТП. Новиот план ќе им користи на првите 250 тенисери на ранг-листата, пишува Асошиејтед прес.

Централното вложување на АТП од над 100 милиони долари опфаќа бонус-фонд од 50 милиони, бонус од 25 милиони долари за пласманот на ранг-листата на крајот на годината и 26 милиони долари за пензиите на тенисерите. Заедно со наградните фондови на турнирите и поделбата на профитот, вкупната сума надминува 350 милиони долари, а со гренд слем турнирите над половина милијарда долари.

Според пресметките на АТП, првите 100 тенисери од 2028 година ќе заработуваат најмалку 1,1 милион долари, што е 39 отсто повеќе отколку во 2025 година. Првите 175 ќе заработуваат најмалку 450.000 долари (47 отсто повеќе), а првите 250 најмалку 250.000 долари (67 отсто повеќе).

Бонус-фондот ќе се зголеми од сегашните 21,5 на 50 милиони долари. Парите ќе ги добиваат тенисерите од првите 30 места на ранг-листата пред секој задолжителен мастерс турнир, а првиот тенисер на светот ќе може да заработи до два милиони долари по турнир. Се укинува и досегашниот минимум од пет турнири.

Новиот бонус за пласманот на крајот на годината ќе го добиваат тенисерите од првите 250 места на ранг-листата кои ќе го исполнат условот за учество на турнирите. Целта е да им се помогне во покривањето на трошоците за натпреварување.

Одборот на АТП едногласно го одобри и основањето на заедничка компанија во која за првпат ќе бидат обединети медиумските права, податоците и централните спонзорства. Таа треба да почне со работа на почетокот на 2028 година. Календарот за 2028 година се очекува на почетокот на 2027 година, а за иднината на двојките ќе се одлучува до крајот на оваа година.

„Една визија донесе поголема транспарентност, рекордни примања за тенисерите и посилен економски модел за турнејата. Следната фаза ги зголемува минималните заработки и ја проширува поддршката за кариерата на тенисерите“, изјави претседателот на АТП, Андреа Гауденци.