Фјури и Џошуа во рингот околу 2 часот по полноќ: Кардиф бара продолжено работно време за стадионот

Официјално: Фјури - Џошуа на 11 декември во Кардиф на Princi

Големиот британски дуел во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Ентони Џошуа ќе почне во раните утрински часови. Според барањето доставено до Градскиот совет на Кардиф, излегувањето на боксерите во рингот на стадионот „Принсипалити“ е планирано за околу 1 часот по полноќ по британско време, односно околу 2 часот по македонско време на 12 декември.

Борбата се најавува за петок, 11 декември, но главниот настан практично ќе се одржи во саботата наутро. Пред излегувањето во рингот е предвиден краток музички настап во живо, а стадионот би останал отворен до 3:30 часот, објави BBC.

Компанијата Millennium Stadium plc, која стопанисува со стадионот, побара еднократно продолжување на дозволата за работа „во многу ограничена, единствена прилика“. Со барањето боксот и борењето би биле дозволени до 3 часот наутро на 12 декември, наместо досегашниот рок до 1 часот, а до 3 часот би биле дозволени и музиката, послужувањето храна и точењето алкохол.

„Ова е за да се овозможи предвидената борба Ентони Џошуа против Тајсон Фјури, со излегување во рингот од 1 часот“, изјави портпарол на Градскиот совет. Покривот на стадионот ќе биде затворен во текот на целиот настан, а се планираат и засилени мерки за безбедност.

Ваквиот термин одговара на ударното ТВ време во САД. Според Sky Sports, саудискиот промотор Турки Алалших, неговиот американски партнер Дејна Вајт и стриминг платформата Нетфликс првично се залагаа борбата да се одржи во Медисон Сквер Гарден во Њујорк.

Барањето за измена на дозволата мора да биде јавно објавено 28 последователни дена. Граѓаните и институциите можат да поднесат приговор или поддршка до 3 ноември. Доколку не стигнат релевантни приговори, Советот е должен да го одобри барањето, а ако има приговори, ќе се одржи седница на која барањето може да биде изменето или одбиено.

Според Boxing Scene, не се очекуваат поголеми проблеми. Борбата, за која се зборуваше повеќе од една деценија, беше официјално потврдена на 24 септември, а Кардиф беше избран за домаќин минатиот месец.

„Големите настани носат добредојден поттик за локалниот бизнис, ги поддржуваат работните места и го претставуваат Кардиф пред глобалната публика“, изјави претходно лидерот на Градскиот совет Крис Вивер.