Реал Мадрид и во среда ќе мора да игра без Факундо Кампацо. Аргентинскиот плејмејкер нема да настапи против Жалгирис во 14тото коло од Евролигата, потврди тренерот Педро Мартинез на прес-конференцијата пред натпреварот, објави Реал Мадрид.
„Кампацо е во завршната фаза од закрепнувањето. Утре сигурно нема да игра, но не знам дали ќе стигне за следниот натпревар или за оној потоа. На другите, како Дек, Јантунен и Гаруба, им треба уште многу повеќе време. Одиме од ден на ден“, рече Мартинез.
Натпреварот со литванскиот тим ќе се игра во среда, во 20:45 часот, во „Мовистар арена“ во Мадрид. Мартинез призна дека зад екипата е лоша недела, во која претрпе два последователни порази во Евролигата.
„Во моментов сме во режим на преживување. Одбивам да зборувам дека ни недостигаат играчи и тоа да биде изговор, бидејќи нашата обврска и нашата цел е да бидеме конкурентни со играчите што ги имаме“, изјави тренерот на Реал, пренесува Европа прес.
„Се чувствувавме малку потиштени затоа што не можевме да се натпреваруваме како што сакаме. Но, со истиот состав што ќе го имаме утре ја победивме и Црвена звезда“, додаде Мартинез.
Тренерот на мадридчани потврди дека Чума Океке закрепнал од проблемот со грбот и ќе биде на располагање. Тој ја пофали и работата на Ник Смит Јуниор, кој нема никакви физички проблеми, но додаде дека сè уште не е одлучено кои 12 играчи ќе бидат во составот.
„Ако победиме, тоа ќе биде одличен морален поттик за екипата. Играме дома, пред нашите навивачи, ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме. Ако изгубиме, патот продолжува. Ова е многу долг регуларен дел, со 38 натпревари“, рече Мартинез.
Реал во последното коло од Евролигата претрпе пораз од Олимпијакос со 92-76 во Пиреја.
















