Манчестер Сити водел разговори со Премиер лигата за можна спогодба во големиот случај за финансиските прекршоци, и тоа пред независната комисија да ја објави пресудата против клубот. Ова го објави агенцијата Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Според информациите, разговорите биле во рана фаза и брзо пропаднале, бидејќи Сити во текот на целата постапка тврдел дека не ги прекршил правилата. Изворите побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за доверливи информации.
Во центарот на можната спогодба, според Блумберг, била голема парична казна. Со тоа клубот би можел да ги избегне најтешките спортски санкции, како што се одземање на освоените титули или исклучување од Премиер лигата. Сепак, со оглед на бројот и сериозноста на обвинувањата, спогодбата веројатно не би ја затворила целосно постапката, туку само би го намалила нејзиниот опсег.
Претставниците на Манчестер Сити и на Премиер лигата одбиле да ги коментираат информациите за разговорите.
Независната комисија кон крајот на септември го прогласи Сити за виновен по 114 од 115 обвиненија. Според пресудата, клубот во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18 вештачки ги зголемувал приходите преку фиктивни комерцијални договори, а британските медиуми пишуваат дека станува збор за повеќе од 900 милиони фунти. Можните казни вклучуваат одземање бодови, високи парични казни, па дури и исклучување од лигата.
Сити ја отфрла пресудата и на 1 октомври официјално поднесе жалба. „Цврст став на клубот е дека, по повеќе основи, мислењето содржи јасни суштински грешки во правото, принципите и фактите и не е безбедно. Клубот е невин за обвиненијата на Премиер лигата и постои сеопфатен корпус на непобитни докази во прилог на сите негови ставови“, наведоа од клубот во претходното соопштение.
За жалбата ќе одлучува нов тричлен совет, а според правилата на Премиер лигата, одлуката треба да биде објавена до почетокот на февруари. Конечните санкции сè уште не се одредени.
Секоја спогодба би предизвикала контроверзии меѓу другите клубови, особено кај оние што сметаат дека финансиското работење на Сити влијаело врз исходот на трките за титулата во изминатите сезони.
Извори: The Straits Times (Bloomberg), The Mirror
















