Емотивно збогување со Вавринка во Базел пред мечот со Лехечка

Станислас Вавринка на прес-конференција во Базел
Фото: Skyscraper2010 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Станислас Вавринка вечерва ќе го одигра својот прв, а можеби и последен меч на турнирот во Базел, со кој ја завршува својата богата кариера. Пред тоа, организаторите на „Свис индорс“ му приредија емотивна церемонија за збогување.

Швајцарецот ќе игра на централниот терен против осмиот носител Јиржи Лехечка. Мечот е закажан како втор на програмата, не пред 18 часот, а двајцата тенисери досега не се сретнале, наведува официјалната страница на АТП.

Вавринка има 41 година и на турнирот настапува со специјална покана. Тој моментално е 151ви на светската ранг-листа, додека Чехот Лехечка е 21ви тенисер на светот.

Пораки од Федерер и Мареј

На церемонијата во понеделникот, директорот на турнирот Роџер Бренвалд го нарече Вавринка „Силвестер Сталоне на тенисот“. Освојувачот на три гренд слем титули доби и видеопораки од Роџер Федерер, Енди Мареј, Мартина Навратилова и Џон Мекинро, како и златна топка за спомен, пренесува Tennis Watcher.

„Никогаш не сонував дека ќе освојувам гренд слем турнири“, изјави трогнатиот Вавринка. На прашањето што го чека по пензионирањето, тој на шега рече дека ќе има повеќе време за скијање, фонди, раклет и вино.

Вавринка го освои Отвореното првенство на Австралија во 2014 година, Ролан Гарос во 2015 и Отвореното првенство на САД во 2016 година. Заедно со Федерер ја освои и титулата во Дејвис купот во 2014 година, како и олимпиското злато во двојки на Игрите во Пекинг во 2008 година.

Во Базел оваа недела настапува и Новак Ѓоковиќ, кој во средата ќе игра против Иго Умбер. Тоа ќе му биде прв настап на овој турнир по 2011 година.