Пројковска ќе го суди Арсенал против Бенфика во Лигата на шампионки

Фудбалерките на Арсенал на стадионот Медоу Парк
Фото: joshjdss / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Македонската судијка Ивана Пројковска доби уште една голема задача во Лигата на шампионите за жени. Таа ќе го води натпреварот од третото коло меѓу Арсенал и Бенфика, кој ќе се игра во среда во 21 часот на стадионот „Медоу Парк“ во Боремвуд.

Според објавените судиски назначувања, пренесени од Law 5 The Referee, на Пројковска ќе ѝ помага сонародничката Елена Соклевска-Илиевски како прва помошничка, додека втора помошничка ќе биде Словачката Александра Варгова.

Четврта судијка ќе биде Сабина Болиќ од Хрватска. ВАР-судија ќе биде Момчило Марковиќ од Србија, а негова помошничка ќе биде Дебора Анекс од Швајцарија. Набљудувач на судењето ќе биде Хилда Мекдермот од Ирска, а делегат на УЕФА ќе биде Сабин Бонен од Франција.

Втор голем европски меч оваа сезона

Пројковска оваа сезона веќе го водеше престижниот дуел меѓу Реал Мадрид и Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите за жени. Таа претходно го судеше и финалето на Европското првенство за девојки до 19 години меѓу Франција и Германија во Шкотска.

Арсенал пред овој натпревар е петти на табелата со четири бода, по победата од 1-0 над Хе Бе Кеге и ремито 2-2 со Париз. Бенфика е десетта со три бода, откако победи на гостувањето кај Јувентус со 2-1, а загуби од Баерн со 0-3.

Двата тима се сретнаа и минатата сезона во Лигата на шампионите, кога Арсенал славеше со 2-0 во Лисабон, пишува на официјалната страница на УЕФА.

Македонската судиска тројка со ова назначување добива уште една шанса да се докаже на натпревар на еден од најпознатите клубови во европскиот женски фудбал.