Македонската велосипедска репрезентација се врати со два медала од Балканското првенство во цикло-крос, кое изминатиот викенд се одржа во Романија. Далија Стојановска го освои златото во категоријата до 19 години, а Оља Цветанова бронзата во категоријата до 15 години.
Првенството се одржа на 24 и 25 октомври на патеката во Домениул Кантакузино Флорешти, во округот Прахова, во рамките на трката „Велокросул Кастанилор“. Покрај домаќинот Романија, настапија и велосипедисти од Македонија, Грција, Молдавија, Србија и Бугарија, пренесува Романската велосипедска федерација.
Во трката за јуниорки, Стојановска ги извози петте круга за 43 минути и 21 секунда и стигна пред Романките Брижит Белу и Дениса-Марија Маркус, кои ги освоија среброто и бронзата.
Историски прв настап
Успехот има посебна тежина бидејќи Македонија за првпат настапи со национална селекција на Балканско првенство во цикло-крос, дисциплина која кај нас сè уште е во развој. Марко Чекеровски го освои петтото место, а Кирил Анчевски и Мартин Спасевски завршија на седмото место во своите категории.
За Цветанова ова беше прва трка во цикло-крос во кариерата. „На трката отидов без посебни очекувања. Многу сум среќна од третото место и бронзениот медал, особено затоа што ова беше мојот прв настап во цикло-крос“, изјави младата велосипедистка.
Претседателот на Велосипедската федерација на Македонија истакна дека медалите се голем поттик за развојот на дисциплината. „Нашите млади велосипедисти покажаа дека имаме потенцијал, а наша задача како Федерација е да создадеме услови тој потенцијал да продолжи да се развива“, рече тој.
Репрезентацијата настапи под водство на селекторот Милан Нацевски. Домаќинот Романија беше најуспешен на првенството со пет златни, шест сребрени и пет бронзени медали.
















