Тиквеш официјално одговори на жалбата што Вардар ја поднесе до Фудбалската федерација на Македонија по елиминацијата во осминафиналето на Купот на Македонија. Кавадарчани признаваат дека направиле пропуст во системот КОМЕТ, но тврдат дека станува збор за техничка грешка, а не за намерен фалсификат.
Тиквеш во средата славеше со 3-1 во Скопје и се пласираше во четвртфиналето. Жалбата на Вардар се однесува на фудбалерот Окере Ебубе Висдом, кој настапи од првата минута со бројот 23 и го постигна првиот гол на натпреварот во 49тата минута.
Што бара Вардар
Според информацијата што ја објави ФФМ, жалбата пристигнала во четвртокот, а Вардар ја најавил уште во записникот од натпреварот. Во неа се наведува дека во досието на Висдом во КОМЕТ, во делот за лекарски преглед, била приложена спортско-медицинска потврда на име на Милош Спасовски, со датум на преглед 2 јули 2026 година. Спасовски, според жалбата, не е член на Тиквеш од 3 септември.
Вардар се повикува на одредбите од Пропозициите за Куп-натпреварувањето за сезоната 2026/27 и на Правилникот за натпреварување на ФФМ. Клубот бара жалбата да биде усвоена, да се утврди неправилен настап на фудбалерот и Тиквеш да биде елиминиран од понатамошниот дел од Купот.
Одговорот од Кавадарци
Од Тиквеш тврдат дека Висдом, како и сите останати фудбалери, има извршено уреден лекарски преглед, а грешката настанала при внесувањето на податоците. Клубот категорично ги отфрла обвинувањата за фалсификат и ја објави оригиналната лекарска потврда за фудбалерот, која, според клубот, е издадена на 26 јули оваа година.
Подоцна во текот на денот се огласи и ФФМ. Федерацијата појасни дека во ниту едно свое известување не тврдела дека Тиквеш фалсификувал медицински документ, туку дека станува збор за податоците внесени во КОМЕТ. Според пропозициите за Првата лига, потврдата за лекарски преглед задолжително се внесува во системот пред почетокот на првенството и по истекот на нејзината важност.
ФФМ наведува дека Тиквеш во четвртокот во 14:26 часот ја прикачил потврдата на име на Висдом, а една минута подоцна документот на Спасовски го означил како неактивен. Федерацијата додава дека ова не е првпат да се констатира несоодветно внесување податоци од страна на Тиквеш.
За основаноста на жалбата ќе одлучува Натпреварувачката комисија на ФФМ, која, според Федерацијата, ќе постапи исклучиво врз основа на важечките правила. Рокот за донесување одлука не е соопштен. Освен Висдом, за Тиквеш на натпреварот погодија Н’Фанли Сила и Емануел Лавал, а единствениот гол за Вардар го постигна Бобан Николов.
















