Педро Акоста од Ред Бул КТМ победи на саботната спринт-трка за Големата награда на Малезија на патеката Сепанг. Шпанецот ги извозе десетте круга за 20:04.098 минути и стигна до целта со предност од 0,578 секунди пред Марк Маркез од Дукати, додека Марко Бецеки од Априлија заврши трет со заостанување од 1,310 секунди, пренесува МотоГП.
Трката ја одбележа дождот што падна на дел од кривините уште во првите кругови. Судиите ги истакнаа белите знамиња, што значеше дека возачите смеат да влезат во боксот и да го заменат мотоциклот со вториот, подготвен за влажна патека.
Алекс Маркез од Гресини стартуваше од пол-позицијата и имаше убедлива предност, но во третиот круг падна во 14та кривина и ја заврши трката. Возачот не се повреди, а водството го презеде Аи Огура од Тракхаус.
Џек Милер влезе во боксот, но неговиот втор мотоцикл не беше подготвен, додека Жоан Мир, Икер Лекуона и Франко Морбидели ги заменија мотоциклите на крајот од четвртиот круг. Тоа не им се исплати, бидејќи дождот се засилуваше само во кривините од 4 до 6, а водечката група остана на гуми за сува патека до целта.
Акоста стартуваше од првиот ред и го престигна Огура на четири круга пред крајот. Јапонецот се обиде да возврати, но Шпанецот го задржа првото место, додека Марк Маркез и Бецеки го престигнаа Огура, кој заврши четврти. Петти беше Фабио ди Џанантонио, шести Франческо Бањаја, а седми Бред Биндер.
Ова е втора спринт-победа за Акоста оваа сезона и прва по триумфот на отворањето на шампионатот во Тајланд.
Маркез ја зголеми предноста
Со второто место Марк Маркез ја зголеми предноста на врвот на шампионатот на 19 бода во однос на Хорхе Мартин, кој не настапува во Малезија, додека Бецеки сега заостанува 52 бода. Маркез има 374, Мартин 355, а Бецеки 322 бода, пишува Ченел њуз Азија.
Главната трка за Големата награда на Малезија е на програмата во недела, кога актуелниот шампион ќе има можност дополнително да ја зголеми предноста во завршницата на сезоната.
















