Ашраф Хакими го постигна првиот хет-трик во кариерата и го предводеше ПСЖ до убедлива победа од 5-1 на гостувањето кај Авр во деветтото коло од француското првенство. Мароканскиот бек учествуваше во сите пет гола на шампионот, постигнувајќи три гола и забележувајќи две асистенции, пишува ЕСПН.
Домаќините, кои се на дното на табелата и сè уште немаат победа, поведоа во 18тата минута преку Џош Маја. Хакими во 26тата минута му асистираше на Мика Годтс за изедначување, а две минути подоцна, по додавање на Сени Мајулу, самиот донесе предност од 2-1.
Во 55тата минута капитенот на ПСЖ постигна гол од слободен удар за 3-1, во 62рата минута со додавање го изведе Мајулу сам пред голот за 4-1, а во 69тата минута го комплетираше хет-трикот по одбиена топка, наведува официјалниот сајт на ПСЖ.
Првиот хет-трик за 27-годишниот Мароканец дојде на неговиот 486ти натпревар во професионалната кариера. Со три гола и две асистенции, Хакими беше најзаслужен за тоа што шампионот лесно го надомести заостатокот од почетокот на мечот. Сени Мајулу беше вториот најзаслужен играч кај гостите, со гол и асистенција.
Рекорд за Луис Енрике
Со оваа победа Луис Енрике стана тренерот со најмногу победи во историјата на ПСЖ. Шпанецот стигна до 127 победи и го престигна Лоран Блан, со кого досега го делеше рекордот.
Луис Енрике направи голема ротација и на клупата ги остави Дезире Дуе, Витиња и Жоао Невеш, додека Усман Дембеле и Хвича Кварацхелија отсуствуваа поради повреди.
ПСЖ е на врвот со 20 бода по девет кола. Лил е втор со 18 бода по победата од 1-0 над Ланс, во која 40-годишниот Оливие Жиру постигна гол во 86тата минута, додека Рен, кој има 16 бода, загуби со 5-2 кај Ница.
















