Македонското карате е посиромашно за уште едно големо име. Почина Бранко Радовановиќ (1947-2026), истакнат карате-мајстор, долгогодишен спортски работник и еден од пионерите на каратето во Македонија.
Радовановиќ беше дел од првите генерации кои пред повеќе од 60 години го започнаа развојот на каратето во државата, практикувајќи го стилот вадо-рју. Со карате почна да се занимава во Карате клубот „Мирче Ацев“, а подоцна го основа Карате клубот „Преспа“ во Ресен.
Беше делегат на Карате федерацијата на Македонија во Светската карате федерација. Во тој период, заедно со Чедо Саздовски и Димче Кичевски, водеше жестока борба за прием на македонската федерација во Светската и Европската карате федерација.
Радовановиќ беше и тренер во Карате клубот „Цветан Димов“, каде што заедно со Јован Лазаров тренираше млади каратисти. Меѓу нив беше и Елвир Куртановиќ, првиот освојувач на златен медал за независна Македонија во каратето, кој во едно интервју раскажа дека почнал со секојдневни тренинзи „под будното око на тренерите Јован Лазаров и Бранко Радовановиќ“.
Беше дел и од традиционалната средба на карате-мајсторите „Вадо дан“ во Скопје.
За неговиот траен придонес во развојот и афирмацијата на каратето во државата, Унијата на карате ветерани на Македонија му додели специјално признание за животно дело.
„Бранко беше новинар, музичар, каратист, поет, шармер“, напиша неговиот брат Дејан Радовановиќ во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека бил „најголемиот Македонец меѓу Црногорците и најголем Црногорец меѓу Македонците“ и дека зад себе оставил многу спомени, смеа и добрина.
Погребот ќе се одржи во недела на гробиштата во Ресен.
Редакцијата на СуперСпорт изразува искрено сочувство до семејството и до целото карате-семејство во Македонија.
















