Меси со гол и асистенција донесе пресврт за Интер Мајами

Лионел Меси во дресот на Интер Мајами
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Лионел Меси повторно беше во главната улога за Интер Мајами. Аргентинецот запиша асистенција и го постигна победничкиот гол во 83тата минута за победа од 2-1 на гостувањето кај Њу Ингланд Револушн, во дербито за второто место во Источната конференција на МЛС лигата, пренесува Ес-Пи-Ен.

Домаќините поведоа во 53тата минута преку Даниел Газдаг, кој ја искористи комбинацијата со Илај Фејнголд и Пејтон Милер. Интер Мајами одговори во 69тата минута, кога Меси со глава ја врати топката до Херман Бертераме, а Мексиканецот, исто така со глава, израмни на 1-1.

Победничкиот гол беше вистинска минијатура. Меси ја прими топката надвор од шеснаесетникот, се ослободи од тројца противнички играчи, размени брз пас со Теласко Сеговија и со левата нога ја испрати топката во долниот агол од голот на Мет Тарнер, објави Интер Мајами.

Тоа беше 26тиот гол на Меси во сезоната, со што ја зацврсти првата позиција на листата на стрелци во МЛС. Аргентинецот има и 16 асистенции, а со 42 директни учества во головите има девет повеќе од најблискиот следбеник.

Њу Ингланд имаше шанса за израмнување во финишот, но автоголот на Ијан Фреј беше поништен поради офсајд. Натпреварот на „Џилет стадионот“ го следеа 54.112 гледачи, што е втора најголема посета на домашен натпревар на Револушн во редовниот дел од сезоната во историјата на клубот.

Со победата Интер Мајами стигна до 59 бода и го претекна Њу Ингланд на второто место во Источната конференција, со само еден бод предност пред последното коло од редовниот дел. Тоа беше десетта гостинска победа на тимот од Флорида во сезоната, најмногу во лигата.

Тимот на Меси со овој триумф обезбеди и место во Лигата на шампионите на КОНКАКАФ во 2027 година. Редовниот дел од сезоната во МЛС завршува на 7 ноември.