Атлетик Билбао го доби баскиското дерби. Тимот на Един Терзиќ на „Сан Мамес“ го совлада Реал Сосиедад со 2-1 во натпревар од 11тото коло на Ла Лига, пред 50.092 гледачи, пренесува Европа прес.
Домаќините поведоа во 14тата минута, кога Нико Вилијамс со одличен пас го проигра својот брат Ињаки, кој со лоб го совлада голманот Алекс Ремиро.
Гостите израмнија во 30тата минута преку Лука Шучиќ, кој погоди со левата нога. По изедначувањето, Реал Сосиедад го имаше својот најдобар период, но голманот Унаи Симон со две одлични одбрани ги запре Андер Барнечеа и Микел Ојарсабал.
Во судиското продолжение на првото полувреме, судијата Алехандро Хосе Ернандес Ернандес досуди пенал за Атлетик по стартот на Јон Арамбуру врз Нико Вилијамс, а одлуката беше потврдена по проверка со ВАР. Алекс Беренгер не згреши од белата точка за 2-1.
Шпанската Ер-Те-Ве-Е ја оцени одлуката за пеналот како контроверзна, бидејќи се чинеше дека Арамбуру ја допрел топката.
Во второто полувреме Симон уште еднаш го спаси својот тим со одбрана по волеј-ударот на Карлос Солер, а во финишот Ори Оскарсон шутираше со глава покрај голот.
Атлетик остана без Мароан Санади, кој го напушти теренот поради повреда на задната ложа. Пред натпреварот, Хосе Анхел Ирибар и Инасио Кортабарија го развеаја баскиското знаме, 50 години по истиот момент од 1976 година.
Тоа беше трета последователна победа за Атлетик во сите натпреварувања. Реал Сосиедад пред дербито имаше четири победи по ред и останува на петтото место, додека Атлетик сега заостанува четири бода, со натпревар помалку.
















