Бока Јуниорс го доби Суперкласикото. Тимот на Родолфо Аруабарена на „Бомбонера“ го совлада вечниот ривал Ривер Плејт со 1-0 во натпревар од 15тото коло на аргентинскиот шампионат, во кој гостите останаа со двајца играчи помалку, пренесува Асошиејтед прес.
Ривер играше со играч помалку уште од 10тата минута. Дефанзивецот Лукас Мартинез Куарта доби директен црвен картон поради влечење на Мигел Мерентиел, а одлуката беше донесена по проверка со ВАР.
Бока ја искористи бројната предност. Дефанзивецот Лаутаро Ди Лоло во 27мата минута со глава ја испрати топката во мрежата по корнерот на Себастијан Вија, објави Телефе.
Во второто полувреме, во 80тата минута, црвен картон доби и Гонзало Монтиел по груб старт врз Лаутаро Бланко. Аргентинскиот репрезентативец при излегувањето од теренот имал и провокативни гестови кон домашната публика.
Според Тодо нотисијас, Бока по 35 години стигна до три последователни победи над Ривер во официјални натпревари. Серијата започна минатиот ноември, исто така на „Бомбонера“, со победа од 2-0.
„Според мене, првиот картон беше црвен“, изјави Аруабарена по натпреварот и побара од својот тим да не реагира на надворешната бучава.
Со оваа победа Бока обезбеди учество во Копа Либертадорес во 2027 година, а пред последното коло е на чекор до првото место на годишната табела. Доколку ја совлада Дефенса и Хустисија, тимот од Буенос Аирес ќе го освои првото место во годишниот пласман.
Ривер остана на 23 бода во својата група и сè уште се наоѓа меѓу екипите што обезбедуваат пласман во плејофот на шампионатот Клаусура.
















