Томовски пред Луксембург: Фаворити сме, но без потценување

Машки ракомет голман
Машки ракомет голман

Македонската ракометна репрезентација денеска се собира во комплетен состав и во следните два дена ќе се подготвува за почетокот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. На селекторот Кирил Лазаров му се приклучуваат ракометарите на Вардар и Пелистер, кои синоќа го одиграа првото дерби во сезоната.

Прв противник на Македонија е Луксембург. Натпреварот ќе се игра во среда, 4 ноември, од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Во групата се уште и Грција и Шведска.

Голманот Мартин Томовски, кој е меѓу најдобрите чувари на мрежата во германската Бундеслига, заедно со Васил Гогов и Иван Галевски треба да донесе стабилност на голот.

„Да се собереме, да ни се приклучат играчите од дербито без здравствени проблеми и да почнеме. Првиот меч е на домашен терен и сме фаворити, но Луксембург не е екипа што смее да се потценува. Целиот фокус е насочен кон тој натпревар и се надевам дека во среда ќе се радуваме на првата победа во квалификациите“, изјави Томовски.

Тој истакна дека на овој собир има и нов играч во составот. „Треба максимално да се вложиме, а имаме и нов играч. Димитро Горига треба да се вклопи во екипата и не би требало да имаме проблем“, рече Томовски.

Голманот е задоволен од својата форма во клубот и сака да ја пренесе и во репрезентацијата.

„Среќен сум поради моменталната форма. Работам напорно и се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во репрезентацијата. Тоа е најважно, за полесно да функционираме, да победуваме и да се надградуваме“, порача Томовски.

Лазаров веќе ги објави 18те ракометари за првите два натпревари во квалификациите, против Луксембург и Грција.