Дваесет и четиригодишната Рејчел Апа почина откако се онесвести за време на маратонот во Њујорк во неделата, на околу три километри пред целта во Централ парк. Тоа беше нејзиниот прв маратон, а трчаше за да собере средства за фондацијата за Паркинсонова болест, во чест на својот дедо, кој почина во 2022 година.
Апа колабирала околу 13:30 часот по локално време. Според Њујорк пост, гледачи, меѓу кои двајца лекари и социјалната работничка Микаела Николас, веднаш почнале со реанимација, по што медицинскиот тим на организаторите употребил дефибрилатор.
Таа беше пренесена во болницата „Маунт Синај“, каде што лекарите речиси шест часа се бореа за нејзиниот живот. Според нејзиниот татко, Стив Апа, била прогласена за мртва во 21:40 часот.
Таткото изјави дека лекарите како причина ја навеле рабдомиолизата, ретка состојба при која мускулното ткиво брзо се распаѓа и ослободува штетни материи во крвта, што може да доведе до откажување на бубрезите и опасни нарушувања на срцевиот ритам. „Совршено здравје, совршена форма, 24 години“, рече тој, не можејќи да поверува во она што се случило.
Семејството ја следело нејзината трка. Според Дејли мејл, Рејчел на 18тата милја им испратила порака „Ау“, а на 19тата „Ау ау“, што семејството тогаш го сфатило како вообичаен замор кај тркачите.
Апа потекнуваше од Луисбери во Пенсилванија и беше поранешна играчка на хокеј на трева на универзитетот Бакнел. Организаторите на маратонот, Њујоршките патни тркачи, изразија длабоко сочувство до семејството и пријателите.
За трагедијата пишуваат и Галф њуз и бројни светски медиуми.
















