Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, ги објави имињата на 28 фудбалери за пријателските натпревари против Уругвај и Костарика, кои ќе бидат први за „албиселестите“ откако Лионел Меси се повлече од репрезентацијата.
Најголемо изненадување е отсуството на играчите од средниот ред, Родриго де Пол и Џовани Ло Селсо, кои останаа надвор од списокот по проценка на селекторот.
На списокот ги нема ниту новиот капитен Кристијан Ромеро и напаѓачот Лаутаро Мартинез, кои се повредени. Леандро Паредес и Науел Молина сè уште отслужуваат казни поради инцидентите по поразот од Шпанија во финалето на Светското првенство во 2026 година.
Поради тоа, голманот Емилијано Мартинез ќе ја носи капитенската лента на двата натпревари.
Единствениот нов играч на списокот е штоперот на Челзи, Арон Анселмино, кој сè уште нема дебитирано за репрезентацијата. По пауза од година и пол се враќа бранителот на Парма, Маријано Троило, а повторно е повикан и Гонзало Монтиел од Ривер Плејт, кој ги пропушти септемвриската и октомвриската репрезентативна пауза, пренесува Буенос Аирес Тајмс.
На списокот се и Јулијан Алварез, Алексис Мак Алистер, Енцо Фернандес, Лисандро Мартинез, Николас Паз, Франко Мастантуоно и Матијас Суле, кој во вторникот постигна гол против Манчестер Јунајтед.
Аргентина на 13 ноември го пречекува Уругвај на стадионот „Бомбонера“, а четири дена подоцна игра против Костарика во Кордоба.
Меси, кој има 39 години, во октомври се повлече од репрезентацијата по 21 година. На својот последен, 208ми натпревар за Аргентина, тој го постигна 126тиот гол во победата од 3-0 над Бенин во Буенос Аирес, потсетува Еспн.
















